Дома Македонски спорт Еуроникел Индустри нов спонзор на ФК и РК Тиквеш!

Еуроникел Индустри нов спонзор на ФК и РК Тиквеш!

Со потпишувањето на Договорите за спонзорство Еуроникел Индустри е новиот спонзор на градскиот фудбалски клуб Тиквеш и градскиот ракометен клуб Тиквеш.

Договорите се во вредност од 30.000 и 15.000 евра и ја опфаќаат сезоната 2021/22 година. Со овие два договори, кавадаречката компанија е активен спонзор на три локални клуба во три различни спорта, заедно со кошаркарскиот клуб Еуроникел којшто е во целост под покровителство на компанијата.


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


„Потпишувањето на овие договори е продолжување и проширување на нашата општествена одговорност каде поддршка и промовирање на спортот е еден од главните сегменти и област каде континуирано вложуваме. Веруваме дека подигнување на спортската култура е исклучително важно за младите, а тоа најдобро се постигнува преку создавање силни и успешни локални клубови. Затоа целта на нашата поддршка е да помогнеме ракометниот клуб Тиквеш и фудбалскиот клуб Тиквеш да станат градските спортски херои, пример и мотив за младите, исто како што верувам тоа се сега кошаркарите на Еуроникел кои се минатогодишни вицешампиони, а и продолжуваме и понатаму да целиме кон шампионската титула”, изјави Андреас Цагарис директор на Еуроникел Индустри.

За клубовите овие договори имаат голема вредност затоа што обезбедуваат и гарантираат квалитетен старт и учество во претстојната сезона.

„Фудбалскиот клуб Тиквеш има голема вредност за градот и со своите успешни настапи ја испишува фудбалската историја на градот. Со оваа соработка и потпишаниот договор, добиваме партнер кој ги поддржува вистинските вредности и ја делиме истата цел, да бидеме подобри и поуспешни во своето поле. Исклучително сме среќни што компанија како Еуроникел Индустри застанува зад нас и тоа ќе ни даде дополнителен поттик за понатамошни успеси и уште подобри резултати”, истакна претседателот на ФК Тиквеш Миле Масларков.

„Договорот за спонзорство за нас значи повеќе од само поддршка и помош за зголемување на капацитетите и подобрување на перформансите на клубот, во претстојната сезона. Значи дека стопански субјект како Еуроникел Индустри верува во спортот и во квалитетот на клубот и затоа ја дава својата поддршка. Веруваме дека и другите ќе го следат овој пример”, изјави Зоран Јосифов од РК Тиквеш.

Градоначалникот Митко Јанчев, кој обезбедува силна општинска поддршка на клубовите, исто така ја истакна својата благодарност кон Еуроникел, и порача дека што повеќе компании треба да го следат овој пример, на тој начин придонесувајќи кон збогатување на спортскиот живот во Кавадарци.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Македонски спорт

Проверете

Миовски пресреќен: Наградите се доказ дека се правам од срце

Maкедонскиот напаѓач Бојан Миовски зад себе има одлична сезона во дресот на Абердин, клубо…