Евертон во 32. коло од англиската Премиер лига на својот „Гудисон Парк“ го совлада Манчестер Јунајтед со резултат 1:0 и дојде до важни три бода во борбата за опстанок.
Манчестер Јунајтед добро го отвори натпреварот. „Црвените Ѓаволи“ создадоа неколку добри прилики пред голот на Џордан Пикфорд, но изостануваше добрата завршница. Евертон буквално од првата шанса дојде до гол. Се играше 27. минута кога Гордон шутираше од дистанца, топката на патот кон голот го погодува Мегваер и завршува во мрежата за водство на домашниот.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Евертон создаде уште една добра прилика до крајот на првиот дел. Ударот на Ричарлисон одеше под пречката, но Де Геа успеа да го одбрани.
Од друга страна нападите на Јунајтед беа безопасни и на полувреме се замина со предност за Евертон од 1:0.
Во продолжение од натпреварот Јунајтед се обиде на сите начини да дојде до бод (ови). Меѓутоа Евертон во дефанзива беше одличен и не дозволи премногу прилики, така ја сочува предноста се до крајот.
Со овие три бода „Карамелите“ побегнаа на четири бодови од Барнли кој има и натпревар помалку. Двата тима водат голема борба за опстанок. Јунајтед од друга страна е во борба за Лигата на шампионите. Во овој момент се седми со 51 бод, но им претстои тешка борба до крајот на сезоната.