Денес продолжуваат полуфиналните дуели од Лигата на шампиони, па очите на фудбалска Европа ќе бидат насочени во Париз, каде ПСЖ и Борусија Дортмунд ќе се борат за билет во финалето.
ПСЖ има шанса која не смее да ја пропушти
ПСЖ веќе неколку сезони наназад е еден од главните фаворити за освојување на Лигата на шампиони, но никако да дојде до најспосакуваниот трофеј. Оваа сезона направија големи промени во тимот, заминаа двете најголеми ѕвезди Лео Меси и Нејмар, па сега главен адут е Килијан Мбапе и целата игра се заснова на Французинот. Меѓутоа, Луис Енрике успеа да направи балансиран тим, па иако не е меѓу главните фаворити, сепак ПСЖ оваа сезона е фаворит од сенка. Во групната фаза ПСЖ беше во најтешката група и едвај се пласира во елиминациите со ист број бодови како Милан, но подобра гол разлика. Во осминафиналето лесно го мина Сосиедад, а клучниот чекор го направија со елиминацијата на Барселона во четвртфинале. Сега имаат шанса за пласман во финале, иако во првиот меч не се покажаа во најдобро светло. Сепак, негативата од еден гол е достижна, а домашниот терен ќе биде голема предност.
Дортмунд нема да се предаде лесно
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Борусија Дортмунд е најпријатното изненадуваање оваа сезона во Лигата на шампиони. Во Бундеслигата не игра според очекувањата оваа сезона и се бори за пласман во Топ 4, иако амбициите на почетокот беа многу поинакви. Меѓутоа, во Лигата на шампиони игра одлично и стигна на чекор до финале. Дортмунд беше во најтешката група заедно со ПСЖ, Милан и Њукасл и успеа да заврши на првото место, па уште тогаш најави дека ќе биде незгоден противник за секого во ова натпреварување. Во четвртфиналето го елиминира Атлетико Мадрид, кој оваа сезона играше одлично во ЛШ, а сега повторно ќе се сретне со стариот познаник. Во првиот меч одигра тактички перфектно, ги искористи слабите точки на противникот и запиша победа од 1:0.Сега во Париз ќе може да игра внимателно и да се заканува преку контранапади и сигурно нема лесно да се предаде, иако знаат дека ги чека „пекол“.
Очекување
Дуел на два тима кои играат отворен фудбал и сакаат да се надигруваат, па тоа е предуслов за возбудлив и ефикасен меч.