Реал Мадрид и Баерн Минхен се со едната нога во полуфиналето после гостинските победи над Јувентус односно Севиља.
Дербито во Торино се претвори во шоу на Кристиано Роналдо. Португалецот победата на Реал Мадрид ја најави уште во 3-та минута, кога најдобро се снајде во шеснаесетникот после центаршутот на Иско.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Потоа до крајот на првото полувреме гледаме израмнет фудбал, а Јувентус најзрелата шанса ја имаше во 20-та минута преку Игуаин.
Во второто полувреме мрежите мируваа се до 64-та минута, кога Роналдо на спектакуларен начин зголеми на 2:0. Карвахал нафрли, а Португалецот со „ножички“ го матира Буфон и доби аплауз од целиот стадион.
Само две минути потоа втор жолт картон доби Пауло Дибала и Јувентус целосно се „распадна“, па следуваше и трет гол преку Марсело на асистенција на Роналдо.
Гостинска победа оствари и Баерн Минхен, иако Севиља прва дојде во предност преку Санабрија во 31-та минута. Само неколку минути подоцна Рибери шутираше, топката се одби од Навас, го измами голманот и му донесе израмнување на Баварците. Победата за гостите дојде во 68-та минута со голот на Тиаго Алкантара.