Фудбалерот на Јувентус, Леонардо Бонучи истакна дека неговата изјава за Моис е погрешно сфатена.
Кин во натпреварот против Каљари постигна гол во 85-тата минута, а во текот на натпреварот од трибините добиваше навреди на расна основа. Кога постигна гол 19 годишниот фудбалер на кого родителите му се од Брегот на Слоновата Коска застана пред навивачите со раширени раце.
Салах руши рекорди! Викендов две големи дербија во Премиер Лига! ↓↓↓
Бонучи после натпреварот изјави дека младиот италијански фудбалер можел поинаку да постапи и дека вината во овој случај е поделена.
„Секој има право да се лути. Појавата на расизмот е скандалозна и такво нешто не смее да постои во 2019 година. Многумина изјавата која ја дадов после натпреварот ја сфатија погрешно“, изјави Бонучи кој слична порака претходно испрати преку социјалните мрежи.
Стоперот на Јувентус доби критики од бројни фудбалери, а 31 годишниот Марио Балотели порача дека Бонучи имал среќа што тој не бил на стадионот.
Бонучи сега беше запрашан да ја прокоментира таа порака на Балотели.
„Секогаш Марио ми бил симпатичен, така и ќе остане. Не ги оправдав расистичките навреди, само кажав дека ќе ми беше повеќе драго доколку Моис славеше со нас. Зборував со сите кои се огласија по тој повод и им ја објаснив ситуацијата“, откри Бонучи.
Дисциплинската комисија на Серија А ја одложи одлуката за наводните расистички навреди на сметка на фудбалерите на Јувентус бидејќи побара повеќе информации од делегатот на натпреварот.