Перо Антиќ останува на чело на Кошаркарската федерација на Македонијa и во наредните четири години, беше одлучено на денешното изборно Собрание.
Откако ја доби довербата, претседателот Антиќ потенцираше дека во новиот мандат целта е да се работи подобро од претходниот и да се задржи подемот на мак-баскетот кој е присутен, посебно кај сениорскиот тим.
Салах руши рекорди! Викендов две големи дербија во Премиер Лига! ↓↓↓
„Ние не гледаме на годините и на мандатите, сакаме само да работиме и да продолжиме да создаваме услови. На стартот на првиот мандат имавме проблеми со коронавирузот, но сега сме на нозе, поискусни и знаеме на каде се движиме. Кошарката е во подем, ние мора да создадеме подобри услови и на тоа работиме“.
И во новиот мандат, целите остануваат високи…
„Секако, создавање на подобри услови за развој на младите. Младите се број еден и на сите треба да се концентрираме. Исто и во А-репрезентацијата гледаме да имаме што е можно помлади играчи, да не чекаме да наполнат 30 години, па да ги вклучуваме. Сакаме да им дадеме шанса на сите таленти да покажат што можат. Смената на генерации некогаш е неминовна. Така беше со нас по таа 2011 година во Литванија. И мора да имаме трпение со новите момци. Тие се оние кои треба да ги чекаме и тие ќе бидат нашата иднина. Сакаме да имаме што е можно млади играчи кои десет до петнаесет години ќе бидат заедно во националниот тим. Ќе истрпиме дури и некои резултатски порази, но тоа ќе биде една школа за сите нив“.
Сениорскиот тим го чека настап во квалификациите за Летните Олимписки Игри, а потоа и квалификации за Евробаскетот во 2025 година.
„Одиме нагоре резултатски со сениорскиот тим. Чекаме квалификации за ЛОИ, а потоа следат квалификации за ЕП 2025. Ги чекаме противниците. Наше е да создадеме одлични услови за подготовки, играчите да ги имаат сите неопходни работи, а нивно е да играат за нашата држава Македонија и за народот“ – смета предводникот на мак-баскетот и во наредните четири години.