Дома Македонски спорт Мак фудбал ФИФА и кризата го натераа Вардар да го направи најдобриот потег во последните неколку години!

ФИФА и кризата го натераа Вардар да го направи најдобриот потег во последните неколку години!

Вардар во Скопје одигра 2:2 против Шкендија и тоа реми на „црвено-црните“ повеќе им одговараше бидејќи ја освоија есенската титула со осум бода пред Шкендија.

Ова беше супер натпревар во кој уживавме и во играта на двете екипи на теренот и во она што на трибините го приредија братските навивачки групи „Комити“ и „Војводи“.

Никој веројатно и навивачите не очекуваа ваков Вардар пред почетокот на сезоната. Вардар минатата сезона заврши зад Шкендија во првенството, Тетовци ја обезбедија титулата на неколку кола пред крајот, а Вардар остана втор со 14 бодови негатива.

Финансиската криза ја достигна кулминација по сезоната во текот на летото кога на Вардар му беше блокирана сметката, па не доби лиценца на настап во европските квалификации. Тука беше и забраната за трансфери, па се најавуваше дека ќе гледаме уште една лоша сезона на македонскиот спортски бренд.

По ова на Вардар не му преостана ништо друго освен да се потпре на младите фудбалери од својата школа и нивниот потенцијал да го спои со оние поискусните во тимот. Таквиот спој започна да се гледа уште на стартот на сезоната, Шкендија редеше лоши резултати, додека Вардар победуваше, а освен со победите воодушевуваше и со играта. Момците на Васовски изгледаа и уште изгледаат одлично на теренот.

Шкендија после неколку кола и промената на тренерот успеа колку-толку да фати некаква форма, меѓутоа Вардар не попушти и затоа има предност од осум бода.

Оваа сезона може да биде и една лекција за сите во клубот како треба да работат во иднина. Сведоци сме биле како Вардар фрлал пари на недокажани странци поради кои некои млади фудбалери не добија шанса и рано го напуштаа клубот. Звучи чудно, но ако погледнеме наназад заклучок е таков – ФИФА го примора Вардар да го направи најдобриот потег во последните неколку години.

Пишува: Стефан Даскалов

Фото: ФК Вардар

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Мак фудбал

Проверете

Дориев за дебито: Голот и асистенцијата би ги заменил за три бода

Шкендија ова лето се засили со Љупче Дориев кој пристигна од Академија Пандев како еден од…