Со резултат 80:74 Србија беше подобра од домаќинот Турција во последниот натпревар од третото коло во Д групата, на Европското првенство во кошарка.
Како ПАМЕТНО да типувате на World Cup 2026!
Србите, пред 12.000 гледачи во „Фенербахче арена“, во трилер завршница славеа над домаќинот. Србија од почетокот на мечот имаше предност, во втората четвртина и од 14 поени (27:13), а до средината на последниот период разликата се движеше помеѓу шест и десет поени.
Турците на шест минути до крајот со серија тројки само за момент преминаа во водство (55:56), а серијата на домаќинот ја запре Богдановиќ со две тројки во интервал од 15 секунди.
До крајот пресуди искуството и смиреноста на Србите, кои ги одбија сите напади на Турција за евентуален пресврт.
Богдановиќ со 17 поени (12 во последната четвртина) и Јовиќ со 15 поени, девет асистенции и четири скока ја предводеа Србија до втората победа на Европското првенство, додека кај Турција, која го запиша вториот пораз најефикасни беа Махмутоглу со 19 (5 тројки) и Осман со 15 поени.
Утре Србија ќе игра против Велика Британија, а Турција против Белгија.