Sportski.mk продолжува со преставувањето на нашите млади, надежни и потенцијални репрезентативци. Овојпат го имаме Филип Деспотовски кој имаше фантастично деби за македонскиот нацонален состав.
Деспотовски е роден во Скопје на 18-ти ноември 1982год. Своите први допири со топката ги имал школата на Вардар. Првиот професионален договор го потпишува со Цементарница. Во 2002-та година заминува на печалба во станство во тимот на ОФК Београд. Во Србија(ОФК, Бежанија, Мачва) останува до 2007-та година каде повторно се враќа на една сезона во Македонија во нашиот најтрофеен клуб Вардар. За потоа минатата сезона повторно продолжи со интернационалната кариера овојпат во Украина во Ворскла Полтава, тим со кој го освојува купот на Украина 2008/09. Има 10 натпревари за младинската репрезентација, а за сениорската дебитираше на дуелот со Норвешка, а на дуелот со Исланд асистираше за првиот погодок.
Многу убави работи ти се случија во толку краток период. Победник во купот на Украина, репрезентација, пред трансфер си во добар и квалитетен клуб, да не знае човек како да започне.
-Еве за почеток, какво е чуството да си топ тема во македонскиот фудбал во овој период!?!
Деспотовски: “Секако дека чуството е прекрасно особено кога тоа е резултат на напорна работа и доста вложен труд. На секој му е пријатно кога е миленик на публиката.“
-Која од овие три работи што ти се случија или ќе ти се случи ти е онака посебно драга, нешто на што не си се надевал премногу?
Деспотовски: “Репрезентација. Голема е честа да играш за својот национален состав.“
-Како се снајде во украинскиот фудбал и колку ти недостасуваше Македонија, пред се пријателите? Со кој најмногу си заживеа таму, со кој се дружеше?
Деспотовски: “Навистина не беше лесно, но јас сум професионалец, што ќе рече дека со знаење и со упорност ги постигнувам поставените цели. Ми недостасуваше Македонија, пријателите, но најмногу ми недостасуваа мојата сопруга и синот Максим.“
“Овде има повеќе фудбалери кои доаѓаат од балканските простори, но највеќе се здружив со Јован Марковски и Денис Главина.“
-Колку се разликува украинскиот фудбал од нашиот, а колку пак Украинците со блиску до модериот фудбал, пред се мислам на организационен план?
Деспотовски: “Постои огромна разлика помеѓу фудбалот во Македонија и Украина. За жал на организациски план се многу подобри од нас, но можам да кажам дека на фудбалски ние сме подобри од нив.“
-Колку Динамо Киев и Шахтјор се пред останатите клубови во Украина и на што се должи тоа?
Деспотовски: “Тие се за два чекора понапред од останатите екипи од Украина, пред се затоа што имаат перфектна организација и многу висок буџет кој дозволува да купите многу квалитетни фудбалери.“
-Вие успеавте да го совладате шампионот на Купот на УЕФА сезонава и единствениот тим кој ја совлада Барса во Европа во финалето на купот на Украина. Ти ги одигра сите 90мин. Што беше пресудно за тоа и какво беше чуството да освоиш еден таков трофеј?

Деспотовски: “Шахтјор излезе да одигра веќе за нив добиен натпревар и тоа беше клучното за нашата победа. Сепак и ние одигравме еден од најдобрите натпревари за нас во таа сезона, бидејќи знаевме дека Шахтјор е актуелен освојувач на Купот на УЕФА.“
“Досега имам одиграно три финалиња од кои две имам загубено, а ова беше третото и среќно и незаборавно финале.“
-Се шпекулира дека ја напушташ Ворскла. Што е причината за тоа?
Деспотовски: “Како и секој професионален фудбалер го обработувам договорот додека трае, но понекогаш излегуваат понуди кои едноставно не се одбиваат. Станува збор за професионален напредок и остварување на повисоки цели.“
-Каде ќе ја продолжиш твојата кариера? Веќе се зборува дека си потпишал со Партизан (мак. медиуми), но нема ништо официјално од Белград. Бугарските медиуми те преселија во Левски? Што е вистината?
Деспотовски: “За таа работа е задолжен мојот менаџер Тодоровски и точно е дека постои интерес од споменатите клубови, но имам понуди и од други клубови. Сепак сега засега сум во Ворскла.
-Каде и да потпишеш, и двата клуба ќе имаат големи шанси за ЛШ со оглед на новиот систем на натпреварување на УЕФА. Ова е една од причините за трансферот? Колку ти е предизвик да играш во ЛШ и да бидеш еден од ретките Македонци на кои им успеало тоа?
Деспотовски: “Кажав горе дека не знам дали ќе се преселам во еден од овие клубови, но би бил нескромен ако кажам дека Лигата на шампионите не ми значи ништо. Тоа сепак е најголемото натпреварување на клупско ниво.“
-Интересот за тебе се зголеми после твоите настапи за репрезентација???
Деспотовски: “Интерес за мене отсекогаш постоел, но можеби сега е медиумски најнагласено.“
-Какво беше чуството кога Јонуз ти соопшти дека стартуваш со Норвешка, деби во првите 11? И претходно беше информиран или повредата на Тасевски го натера на тоа?
Деспотовски: “Каква била идејата на Јонуз јас не би можел да кажам, но бев среќен што ми пружија шанса.“
-Изигра одлично и на двата натпревари, виситинско откритие. Какви беа реакциите од твоите блиски, пријатели. Те промени ли малку сета оваа позитивна енергија или се уште си истиот. Не се вообрази барем малку?
Деспотовски: „Најголемата подршка ја добивам од мојата сопруга која беше и на двата натпревари. Од пријатели и познаници исто добив доста позитивни коментари кои навистина ми се драги.“
-Кои се нашите шанси на гостувањата во Шкотска и Норвешка? Колку овие 4 поени и шансите за бараж влијаеја на атмосферата во селекцијата?
Деспотовски: “Нашите шанси се навистина големи бидејќи видовме дека нема голема разлика во квалитетот помеѓу нас, Норвешка и Шкотска. Овие 4 бода дефинитивно ја подигнаа атмосферата кај нас во репрезентација“.
-Со оглед дека за прв пат беше повикан. Дали си задоволен од пристапот кон репрезентацијата. Дали вака ја замислуваше репрезентацијата или од нешто си изненаден или пак разочаран?
Деспотовски: “Се беше феноменално“.
-Што е тоа според тебе што и фали на нашата репрезентација за да имаме константни изданија во овие циклуси за СП или ЕП?
Деспотовски: “Повеќе собири помеѓу нас фудбалерите и повеќе самодоверба во пристапот на натпреварите.“
И за крај стандардните прашања!
-Омилен клуб?
Деспотовски: “Вардар и Милан.“
-Идол?
Деспотовски: Луис Назарио де Лима Роналдо
-Под кои услови би се вратил во македонското првенство?
Деспотовски: “Интересно прашање, воопшто и не сум размислувал на таа тема. Во моментот моето внимание е насочено кон нови предизвици.“
-Твој сон, нешто за кое многу ќе се каеш ако не го направиш или не ти се исполни во твојата кариера?
Деспотовски: “Да освојам Светско првенство“
Се надеваме дека ќе Ти се оствари желбата, ако не тоа барем да играме на едно такво големо натпреварување. Поздрав и многу успеси во кариерата.