Дома Ставови Кога „Нормалниот“ ќе го направи смешен „Специјалниот“

Кога „Нормалниот“ ќе го направи смешен „Специјалниот“

Македонија вчера беше центар на фудбалска Европа, и додека денес сите зборуваат за тоа колку пиво испиле Англичаните, колку пари чинело шише вода во локалите и колку пари заработиле таксистите, ние да се вратиме на суштината.

Поточно да зборуваме за она што не можеа да го видат оние кои случајно преку лотарија добија билети, а не ги знаат точно ни правилата на играта, и оние кои дојдоа затоа што тоа беше светски настан – па ете да бидат видени.


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Заклучокот е следен – Нормалниот го прегази Специјалниот и направи да изгледа смешно!

Зинедин Зидан уште еднаш ја потврди својата класа и ги разубеди скептиците кои пред две години мислеа дека на поклон добива нешто што не му припаѓа. Дека ја добива клупата на „кралевите“ само по стари заслуги и дека после неколку месеци Перез ќе му каже: „Твоето време помина, ова е Реал, овде нема втора шанса“.

Тивко и без голема медиумска помпа, без сенки од минатото дека бил најдобар фудбалер, Зидан почна да го освојува Мадрид и за кратко време ја освои и Европа.

Тогаш оние со ефтини билети тврдеа дека тоа било „на среќа“ и дека му помогнал жребот и пенал рулетот. Оние кои разбираат знаат дека среќата е работа, и дека само оние кои вредно работат ќе ја придобијат за себе.

Зидан за кратко време успеа да го направи она што се чинеше невозможно. Воспостави ред во соблекувалната полна со суети, на Роналдо му покажа дека е само една алка во тимот, а не сонце околу кое се вртат десет планети, ја врати титулата во Мадрид, ја одбрани титулата во Лига на шампиони, стана светски шампион…со други зборови, направи се она што „специјалните“ пред него не успеаја.

И сето тоа го направи на уникатен начин, Реал изгледа моќно, доминира. Тоа што синоќа Манчестер Јунајтед изгледаше како тим од шпанска провинција е заслуга на Зидан. Мускулите во средниот ред платени по 100 милиони евра делуваа изгубено под пресингот на технички совршените Модриќ, Крос и Иско, а кога ќе му дозволите и на Марсело и Карвахал да дојдат напред, она што следува е само прашање на време.

Тоа што Бејл пропушти шанса да ги реши сите дилеми во второто полувреме (за да можат на раат да прават селфи оние со билети од лотарија) и тоа како Рашфорд пропушти шанса за израмнување, се само приказни за во бар – исходот на мечот беше запишан многу порано.

Ако „Специјалниот“ мисли дека она синоќа беше случајност или исклучок, нека се јави во Торино, таму се уште се во шок за она што се случи во второто полувреме во Кардиф.

Едноставно, Реал синоќа продолжи таму каде што застана во финалето од Лигата на шампиони, а лоша вест за ривалите е дека не мисли да застане.

Она што мене најмногу ме импресионира е што Зидан успеа да ја промени филозофијата на Реал. Не само што „кралевите“ изгледаат помоќно од кога и да е, не само што во тимот има млади играчи од академијата повеќе од колку што има Барса, туку она што Перез почна да размислува како човекот кој го поставил на клупата.

Знаете зошто Реал не е многу активен на трансфер пазарот последните две години? Одоговорот го даде Перез синоќа во Скопје.

„Засилувања? Зидан побара тимот да остане ист, не му треба никој“, изјави човекот кој го растури тимот што стана европски шампион (пред три години) за да ја купи главната атракција од Светското првенство.

За Мурињо?…За него има многу што да се кажува, ама „Специјалните“ повеќе не се во мода.

П.С. Ако Погба чини 110 милиони, колку чинат Крос и Модриќ? Не прашувам за мене, се интересира Мурињо сакал да ги купи…

Пишува:
Петар Кузманоски

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Ставови

Проверете

Елиминацијата на Алкараз е одлична вест за Ѓоковиќ и Синер

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз изненадувачки беше елиминиран во четвртфиналето на турнир…