Дома Македонски спорт Интервју со Нина Балабан: „Во најтешките моменти, успевам!”

Интервју со Нина Балабан: „Во најтешките моменти, успевам!”

Олимпијка од светски ранг која туку што започна да се искачува кон ѕвездените патеки. Оваа млада Охриѓанка го има неколку пати обиколено светот постигнувајќи завидувачки резултати со својата стрелачка пушка под рака. Заради постигнатиот висок резултат со расипана пушка на Олимпијадата во Рио, од светски познатата компанија „Штаер“ доби понуда за официјален презентер на истата, а воедно и нова пушка. Таа ниже успеси и дома и надвор, а на календарот на Федерацијата за 2017 нема ниту едно меѓународно натпреварување, ни за себе, ни за своите колеги.

1. Кога почнавте да тренирате, на која возраст и зошто стрелаштво? Од каде љубовта кон стрелаштвото? Дали можеби практикувате и друг спорт?
Родена сум 1995 година во Охрид, каде што во 2009 година на 14-годишна возраст ја започнав мојата спортска кариера во Стрелачкиот клуб „Охрид“, во кој се запознав со тајните на стрелачкиот спорт. Започнав со натпревари во национална категорија во 2009 година и за првпат го освоив државното првенство, а потоа се префрлив во меѓународна програма.


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Отсекогаш сум го сакала оружјето, а моите почетоци во стрелаштвото беа смешни. Отидов на стрелиште само за да се запознаам со оружје и да научам да го користам истото бидејќи сум член на семејство колекционери и љубители на оружје. Но иако го сакав и претходно, таму се вљубив во оружјето и се посветив на тој спорт. Моите почетоци беа во охридскиот клуб со кој настапував сè до запишувањето на Правниот факултет во Скопје во 2015 година, кога заради моето студирање и престој во Скопје морав и да се префрлам во скопски стрелачки клуб за да можам да го одржам тренирачкиот процес и да продолжам со натпреварувањата во меѓународна програма.

Иако настапувам за скопски клуб, јас сум охриѓанка и Охрид е во моето срце. Секогаш се трудам достојно да ги претставам и Охрид и Македонија.

2. Што значи да се биде спортист на годината по вторпат? Секоја чест за наградата и успесите!
Голема чест и радост е втор пат да се освои наградата спортист на Охрид, спортист на градот кој го сакам и ценам. Градот и граѓаните кои ме поддржуваат и сакаат, граѓаните кои со сето свое срце навиваат за мене, кои ме поддржуваат секогаш и секаде и во победите и во поразите. Моите сограѓани се тие кои ми даваат сила и во најтешките моменти да успеам.

3. Кога почнавте со натпреварите, особено меѓународни? Какво доживување беше Олимпијадата во Рио? Какви беа резултатите оттаму, впечатоците и севкупното искуство? Дали е Ваша прва Олимпијада?
Со натпревари започнав во 2009 година кога и првпат го освоив државното првенство во национална програма, па се префрлив во меѓународна програма каде што следеа многу други првенства, како домашни така и меѓународни. Прв настап надвор од Македонија ми беше настапот во Врање во 2009 година каде го освоив второто место, а потоа истата година на настапот на „Гран при Белград“ и ја освоив минималната олимписка норма, што и ми го отвори патот кон европските и кон светските првенства. Првиот настап на Европско првенство беше во Финска, во 2012 година, па потоа следеа настапи на меѓународна сцена. Иако тие настапи се малубројни, бидејќи од финансиски причини репрезентацијата на Македонија не учествува на европски и на светски купови туку само на европски и на светски првенства, јас успеав да стигнам до 64-то место на светската листа.

Олимписките игри не се само спорт, Олимписките игри се всушност филозофија преку која се развива олимпизмот и олимписките вредности, ширењето на културата, зближување на народите и нациите, пораките за мир и толеранција, желбата за развој на спортот како единствено бојно поле на народите… Олимпијадата во Рио за мене претставуваше остварување на мојот сон. Настапот на Олимписки игри за секој спортист претставува посебно доживување на спортот и на светот, голема чест и врв на спортската кариера, нешто што не може да се опише со зборови, самото учество, претставувањето на државата, културата.

Олимписките игри во Рио беа првите Олимписки игри на кои јас сум учествувала како натпреварувач, претходно учествував на Младински олимписки игри во Кина, Нанџинг, како амбасадор на спортот и имав удел во развојот на Светското олимписко движење, но не учествував во натпреварувачкиот дел. Како натпреварувач настапив на Медитеранските игри во Мерсин, Турција во 2013 година, како и на првите Европски олимписки игри во Баку, Азербејџан во 2015 година.

Резултатот кој го постигнав на Олимпијадата во Рио беше далеку под моите можности затоа што јас бев подготвена за финале, односно за борба за медал, но на самиот настап имав проблем со пушката која буквално се распадна на самиот натпревар, тренерот на хрватската репрезентација и нашиот селектор ми помогнаа да се состави пушката, но во поправката се изгуби прецизноста, така што јас го продолжив натпреварот со изгубена прецизност иако сите очекуваа да се откажам, но и со така непрецизна пушка успеав да остварам висок резултат и да го освојам високото 42. место, што ми донесе и големо почитување во целиот стрелачки свет, а заради високиот резултат со расипана пушка добив и понуда за презентер на фирмата „Штаер“, при што добив нивна нова пушка, правена за мене, по мои мерки и во боите на Македонија.

Впечатоците и искуството кои ги стекнав таму се непроценливи и немерливи. Како што веќе реков Олимпијадата не е само натпревар, туку светска политика насочена кон развивање на сите позитивни работи кои треба да го водат светот кон подобро утре.

4. За Олимпијадата, освен што е натпреварување од највисок ранг, со најимпресивните и најуспешни спортисти/-ки од целиот свет, која е за Вас мотивацијата и предизвикот да се биде дел од Олимпијадата? Која мисла Ве водеше?
Олимписките игри во Рио 2016 година се светски значаен настан кој јас лично никогаш нема да го заборавам. Чест и гордост на секој човек е да настапи под знамето на својата држава, да ја претставува државата, народот и нацијата секаде каде што е тоа можно, а посебно на најголемата смотра на сите спортови – на Олимписките игри кои всушност и не се само игри и натпреварувања бидејќи олимпизмот претставува многу повеќе од само натпревар. Олимписките игри постојат за презентирање на олимписките вредности на мир, пријателство, соживот, зближување на народите и нациите, запознавање со различните обичаи и ширење на различните култури. Мотото на Олимписките игри е фер борба, на спортските терени да се заборават сите непријателства и да се склопат нови пријателства меѓу народите, да престанат борбите и нетрпеливоста и тие негативни емоции да не се преселат на спортските терени каде што ќе победи подобриот во спортска фер борба, да го шири кај народите чувството на пријателство, мир и соживот, а кај луѓето да ги развива особините на здрав и спортски живот. Мотото на олимпизмот е – важно да се учествува, не да се победува, што значи дека сите учесници спортисти се победници. Сите спортисти кои учествуваат на Олимпијада се најдобри и сите тие вложиле многу труд, лични откажувања, неброени тренинзи. Не е можно учество на ОИ без поддршка од клуб, федерација, држава, семејството и од пријателите. Сите тие со свои лични откажувања помогнаа во формирањето на резултатот и формата која успеа да ме одведе на ОИ. Јас минималната олимписка норма ја исполнив на самиот старт на олимпискиот циклус во 2014 година кога и станав стипендист на МОК за ЛОИ Рио. Во периодот кој следуваше под покровителство на МОК учествував на неколку меѓународни натпревари на кои го подобрував мојот резултат и собирав искуство неопходно за учество на големи меѓународни натпревари.

5. Секоја чест за освоеното трето место на натпреварот во Белград! Впечатоците оттаму?
Многу ви благодарам за честитката за белградскиот трофеј. Тој трофеј ми е особено драг затоа што е освоен на првиот меѓународен натпревар одржан по Олимписките игри, натпревар на кој учествуваа многу од олимпијците и натпревар на кој ја потврдив и докажав мојата форма и моите можности за медал од Олимпијада. Резултатот кој го постигнав во Белград, на првиот постолимписки натпревар, на Олимпијадата во Рио ќе ме однесеше во борбата за медал. Победата во Белград ми е посебно драга и поради тоа што истата ја освоив само три дена по добивањето на најпрестижната охридска Св. Климентова повелба, со што повторно ја потврдив довербата на моите охриѓани.

6. Каков ризик постои, кои се опасностите во стрелаштвото? На што треба да внимава стрелачот?
Стрелаштвото е релативно безбеден спорт со висок ризик. Сепак се работи за спорт врзан со оружје и муниција. Натпреварите се одржуваат на терен каде обично повеќе лица на повеќе натпреварувачки места во иста хала, во ист момент испалуваат повеќе проектили, така што повреда е секогаш можна. Но натпреварувачите се свесни за тоа и се придржуваат кон посебни безбедносни мерки и правила, посебен транспорт на оружје и опрема, безбедносна проверка на оружје и опрема така што повреди речиси и нема. Секако злоупотребата на оружјето е можна, но истата поради безбедносните мерки е сведена на минимум, па овој спорт иако опасен, за нас е релативно безбеден.

7. Што им порачувате на своите врснички, спортистки како исклучителен спортист? Што добиваат од стрелаштвото?
На сите млади луѓе им препорачувам да се занимаваат со кој било спорт, да ги заменат улицата и кафулињата со спортски сали и објекти, да тренираат и да се придржуваат до спортскиот живот и олимписките вредности. Тоа може само да им помогне да успеат во развојот, да ги прошират видиците и пријателствата, да водат здрав живот, да ги развиваат телото и интелектот и со тоа да си помогнат себеси и на околината, успешно да се претставуваат, преку своите дела да даваат пример на тоа што е добро и што треба другите да прават. Да не се гледа само што може да се добие, туку и да се даде, да бидат пример за животните вредности на генерациите што следат.

Стрелаштвото кај нас е релативно заборавен (занемарен) спорт во кој не се вложува многу, но тоа нас стрелците не прави посилни и поподготвени за настап. За стрелаштвото многу битен елемент е и психичката подготвеност затоа што борбата ја водиме сами со себе, се трудиме да се надминеме себеси, за нас не се познати резултатите на другите натпреварувачи, туку имаме пушка, мета и желба да надминеме сè.

8. На какви вредности ве научи спортот? Дали не прави подобри луѓе?
Како што веќе кажав, спортот ме запозна со олимписките вредности, она за што и постои спортот, не само како борба на терен туку развивање на свест, ширење на своите култури и навики низ светот и запознавање на другите со нашето. Ширење мир и толеранција, доживување на среќата на успехот и на тагата на поразот. Спортот претставува сплет на животни вредности на кои треба да се придржуваме што и не прави подобри луѓе.
Хулиганството на одреден круг навивачи, кои спортските натпревари ги користат за меѓусебни пресметки и за спроведување на некакви квазиполитики, е казниво и претставува директна штета на спортот и на вредностите за кои спортот постои.

9. Дали се остваруваат соништата преку спортот?
Мојот спортски сон се остварува. Со моите резултати успеав да влезам на светските спортски листи, успеав да бидам ценет спортист на меѓународната сцена. Преку спортот сретнав пријатели низ целиот свет, освои резултати, медали и трофеи. Учествував на Олимписките игри, добив бројни награди и признанија, но се надевам дека истиот сон ќе продолжи до конечното освојување, односно до остварување златен медал на Олимписките игри.

10. Очекувања и планови во иднина…
Освен настап на Европското првенство во Марибор, во календарот на нашата Федерација за 2017 година, од за мене непознати причини, не се предвидени настапи на меѓународна сцена, што мене како спортист веројатно ќе ме симне на светските ранг- листи. Сепак, се надевам дека во наредниот период ќе се вратам на уште повисоки места, ќе успеам да освојам медали на европски и на светски првенства и дека во трката за нови олимписки квоти ќе обезбедам настап на следните Олимписки игри, но и дека од Токио ќе се вратам со првиот освоен златен медал за Македонија.

За Охрид и за Македонија ГОРДО НАПРЕД!

Извор: Здружението за унапредување на меѓусебна доверба ТАКТ

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Македонски спорт

Проверете

Финалето во футсал Купот на Македонија ќе се игра во Велес

Футсал екипита на Клими и Форца 2015 ќе се борат за трофејот во рамките на Купот на Македо…