Дома Ставови Пипо внимавај, во офсајд си!

Пипо внимавај, во офсајд си!

2 секунди
0
115

Зошто изборот на Пипо е логичен во ваков историски период за Милан, и зошто Инзаги треба да биде повеќе паметен отколку способен за да не „изгори“ помеѓу желбите и можностите!?

„Кралот на казнетиот простор“, легендарниот Пипо Инзаги вчера и официјално беше назначен за нов тренер на Милан. Напаѓачот кој одбележа една цела ера во италијанскиот и светскиот фудбал ќе има за задача да ја избрише прашината од името на својот омилен клуб.

Славниот клуб од градот под „Мадонина“ веќе неколку години е на маргините на европскиот и светскиот фудбал, а последната сезона покажа дека е далеку и од врвот на италијанскиот фудбал.

Дали задачата на Пипо е Сизифовска?

И да и не! Ако го има покрај себе човекот кој многу добро знае како се турка каменот (Галиани) тогаш може да успее, доколку не, тогаш каменот ќе го потисне како што го потисна Сидорф!

Приказната со Сидорф е пораз за Милан, а најмногу за неговиот патрон Силвио, тоа е јасно, но за тоа друг пат, сега да зборуваме за Пипо.

Фудбалерот кој со невидена леснотија даваше голови, кој беше ноќна мора за дефанзивците, кој од никаде само „никнуваше“ во казнетиот простор и ги излудуваше противниците. Непознавачите ќе речат среќа, незнаејќу дека среќата е работа како и секоја друга. Пипо си ја одработуваше „среќата“ и беше секогаш на вистинското место во вистинско време, тоа е лукавост, не среќа.

И сега се најде во вистинско време на вистинско место. Зошто вистинско време? Затоа што во друго време никогаш немаше да биде тренер на Милан после само две години поминати со младински категории, затоа што Милан е сон за секој италијански тренер, а Пипо го доби на тацна (среќа).

Но сега на Пипо ќе му биде потребна целата лукавост и памет на овој свет за да не се најде во офсајд. Милан е на историски најдолно ниво, со две-третини фудбалери кои некогаш само на лото можеа да добијат шанса да го носат дресот на Милан. Без финансиска моќ за големи трансфери и со депресивна атмосфера во сите сегменти од клубот.

Поради тоа правта помисла кај секого е: Милан гори уште една легенда!

Меѓутоа не брзајте, Пипо го има најсилното оружје на своја страна – Адриано Галиани. Најважниот човек во Милан, човек кој држи се под контрола, кој ги обединува сите линии во клубот, кој знае да го убеди Силвио и кој не може да му рече „НЕ“ на Пипо. (Нешто што го немаше Сидорф).

Поради него Милан ретко или скоро никогаш не доживува „крах“, дури и во сезона откако клубот го напуштија сите фудбалери кои нешто вредеа и откако беа продадени двајца гиганти како Ибра и Тиаго Силва.

Зошто Милан доживеа крах оваа сезона? Затоа што Барбара ја разниша позицијата на Галиани уште во октомври и настана вистински хаос!

Habemus Adriano! И внимавај Пипо да биде во линија, го делат само неколку милиметри за да влезе во офсајд!

Пишува: Петар Кузманоски

Проверете

Тренери кои добиваат на квиз шампионски тимови и МТВ која ја уништува Лигата на шампиони

Зошто Македонската радио телевизија ја убива смислата и дражот на Лигата на шампиони и как…